Во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, годинава по 46 пат се одржува една од најстарите ликовни колонии во државата – „Куманово“ 2019. Колонијата беше отворена неделава и ќе трае до 14 август, за кога е предвидено и свеченото затворање со изложба на делата.
Годинава учествуваат четиринаесет уметници од Македонија, Србија, Бугарија и Босна и Херцеговина: Никола Пијанманов, Мила Трендафиловска, Ивана Настески, Милена Станков, Наѓа Миливојевиќ, Бранко Јевќиќ, Антонија Фингарова, Петар Чучулигов, Саво Рупиќ, Ивана Маркез Филиповиќ, Марија Мицова и други.
Уметниците своите дела ќе ги изработуваат со слободна тематика во различни ликовни техники. За време на својот престој, учесниците ќе имаат можност да посетат неколку културно историски знаменитости на Куманово, мегалитската опсерваторија Кокино и црквата Св.Ѓорѓи во Старо Нагоричане.
Ликовната колонија постои од 1974 година, а годинава се одбележуваат 45 години постоење. Истата е во организација на Општина Куманово и НУ Музеј Куманово, под покровителство на Министерството за култура на Република Северна Македонија и Градоначалникот и Советот на Општина Куманово.