Граѓаните на Радовиш во средата имаа можност низ директна комуникација со припданиците на нашата армија и на Армијата на САД поблиску да се запознаат со дел од опремата што се користи на воената вежба „Одлучен удар“ на полигонот Криволак.
Опремата беше изложена пред радовишкиот Центар за култура „Ацо Караманов“, како дел од активностите на цивилно-воената соработка што се остварува во рамките на досега најголемата воена вежба кај нас. Градоначалникот Герасим Конзулов оствари среба со претставниците на нашата и на Армијата на САД.
„Одлучен удар“ е досега најголема вежба што ја организира нашата армија. Ќе трае до 8 јули, а на неа учествуваат околу 2.700 војници од армии на уште пет сојузници – САД, Литванија, Албанија, Бугарија и Црна Гора.
Инаку, деновиве и медицински тимови од составот на Военомедицинскиот центар и од Армијата на САД, кои се вклучени како медицинска поддршка на вежбата „Одлучен удар, ги посетија радовишките планински села Супурге и Прналија.
На постарите жители на двете села им беше мерен крвниот притисок и им беа извршени други основни медицински прегледи, а беше поделена и хуманитарна помош во облека и обувки.