Од манастирот „Св.Спас“ понудија идеја за изградба на конаци во кругот на манастирот, чија локација и опкружување нудат прекрасен зелен мир и уживање. Официјално е отворена кутија за донации со кои во наредниот период би се помогнала изградбата на конаците за кои има и нацрт-план.
На Спасовден во манастирот утрото се служеше празнична богослужба со која чиноначалствуваше г. Иларион, митрополит на Брегалничката епархија на МПЦ-ОА, а меѓу присутните верници беше и градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.
Наоколу веќе течеа подготовките за ручекот. Се послужија околу 2.000 верници од виничко-кочанскиот регион кои се редовни посетители на манастирот на овој голем празник.
Традицијата на Спасовден се негува од 1948 година, кога е изградена старата црква врз темелите на катедрален манастир кој бил центар на околните манастири, а овој манастир е изграден од 1996 до 1998 со средства од Општината и од месното население. Внатрешниот фрескоживопис уште не е комплетиран.