Со поддршка на Општината Македонска Каменица, возобновен е Шаховскиот клуб „Каменица САСА”, кој не функционираше со години. Овој шаховски клуб ќе ја поправи општата слика за најенигматичната игра во Источна Македонија, каде полека згаснаа поголем број од клубовите.
Шаховскиот клуб има 49 членови сениори, 10 младинци, 8 пионери и 4 жени.
Како регистриран клуб, клубот остварува право за натпреварување во тековната сезона на натпреварување, но поради недоволна подготвеност, оваа година клубот ќе се натпреварува во шаховското првенство во млаински категории. Натпреварувањата во домашното првенство и меѓународни турнири започнува од следната сезона. Од клубот најавуваат дека во скора иднина ќе организираат силни домашни и меѓународни турнири.
– Иницијативата за обновување на некогашниот клуб, но сега како нов субјект, ШК Каменица Саса, предизвика позитивни емоции кај вљубениците во играта на 64-те полиња, не само во нашиот град туку и пошироко во регионот. Да не заборавиме дека еден ШК Ленин од Кочани, ШК Ангел Винички од Виница, ШК Голак од Делчево, ШК Благој Јанков-Мучето од Струмица и многу други од овој регион веќе не се активни. Сепак, ако сакаме и во иднина клубот да опстои и, патем, да имаме успех на натпреварувачки план, ќе биде потребно многу работа, а особено со најмладите членови – изјави Милан Гоцевски, еден од поискусните членови на овој клуб.
Клубот е формиран и целосно поддржан од Општина Македонска Каменица, на чело со градоначалничката Соња Стаменкова и Рудник Саса, како општествено одговорна компанија.