Поминувајќи 3000 километри од Велика Британија до Свети Николе, пожарникарите Дарко Петрушев и Кристијан Атанасов го довезоа специјализираното противпожарно возило, што британската фондација „Флоријан“ му го донира на Доброволното протипожарно друштво. Со комплетно опременото возило од марка Мерцедес, пристигна и пожарникарска опрема наменета за ТППЕ Свети Николе.
Пожарникарите од Свети Николе добија заштитна облека , чизми, кациги, а новина се современите хидраулични клешти, кои се користат при извлекување на настрадани од возила при сообраќајни несреќи. Вредноста на целата опрема е околу 80.000 евра, од кои само возилото е 50.000 евра и околу 30.000 евра е опремата.
Возилата се особен проблем за светиниколските пожарникари од професионалната бригада, бидејќи се постари од 30 години, а од петте во нивна сопственост, две не се функционални и се за отпис. Последен пат општината купила противпожарно возило пред 40 години.
Доброволното противпожарно друшто исто така располага со две возила, кои се понови и пофункционални. Исто така, недостига и опремата, особено гас маски и боци, што прави проблем при интевенција.
Пред стартот на летната сезона, Свети Николе и Овче Поле беа под опсада на подметнати пожари. Изгореа над 300 хектари ниви и шуми, а настрада и имот на граѓаните. Пожарникарите стравуваат од претстојната летна сеозна. Зголемена работи ги очекува со пуштањето во употреба на патот Штип – Миладиновци, кога при евентуални сообраќајни несреќи први на повик од медицинските екипи ќе бидат светиниколските пожарникари. Во овој прилог оди и целокупната опрема на новото возило што ДПД Свети Николе го доби од фондацијата Флоријан, кое е опремено со медицинска опрема за пружање на прва помош.
Бритнаски Флоријан е стар пријател на светиниколските пожарникари. Во овие 12 години на соработка, фондацијата Флоријан организираше обуки, а исто така донираше возило и опрема за Доброволното противпожарно друштво (ДПД) од Свети Николе, кое едно од најактивните во државата. Вакви доброволни друштва има во само уште неколку други општини во Македонија.
Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски истакна дека оваа донација значи многу за пожарникарите, кои со години пожарите ги гаснеа со стари униформи.