Со панихида пред неговата спомен-биста, со рецитал на ученици од виничките основни училишта и со традиционалниот турнир во мал фудбал што се одржува во негово сеќавање, Виница ја одбележа 18-годишнината од загинувањето на Кирчо Димитриов, капетан на АРМ кој загина во конфликот во 2001 година кај караулата во близина на селото Танушевци.
Пред спомен-бистата почит на капетанот Димитриов му оддадоа претставници на Организацијата на резервни офицери на Виница, на локалната самоуправа, граѓани, претставници на Владата и на АРМ, а говореа градоначалникот на Виница, Ивица Димитров, и претседателот на Општинската организација на резервните офицери, Гоце Георгиев.
– Капетанот Кирчо Димитриов загина кога Македонија ги преживуваше најтешките моменти во нејзината понова историја, кога на татковината најмногу и’ требаа бранители. Со неговата смрт на 4 март 2001 година, изгубивме човек и наш сограѓанин за пример, но остана сеќавањето за него што ќе служи како пример за помладите генерации како се сака сопствената земја – беше истакнато на чествувањето.