05.02.2019
Првите седум деца на предучилишна возраст од селото Лески заедно со нивните родители деновиве првпат го посетија и го почувствуваа благодатот од функционирањето на новоотворениот Центар за ран детски развој во рамките на подрачното училиште „Славчо Стојменски“.

За почеток, според родителите, условите за престој се над очекувањата. Центарот е опремен според сите стандарди за работа со деца на оваа возраст, а инвентарот е комплетно нов со многу реквизити и едукативни помагала.

Наместо три часа, според директорката Наташа Анакиева, овозможен е престој на децата од шест часа, како и еден оброк што се обезбедува преку КДУ „Гоце Делчев“. Градоначалникот на Виница, Ивица Димитров, истакнува дека Општината ги правела сите напори Центарот со дополнителни преадаптации постепено да прерасне во детска градинка, па очекува во скоро време сите деца од Лески, кои сега одат во градинка во Виница, да се префрлат овде.

Во овој проект УНИЦЕФ инвестираше 571.000 денари, а локалната самоуправа, училиштето и градинката помогнаа во доопремувањето со околу 100.000 денари.