Во Радовиш беше откриена спомен плоча во чест на полициските службеници од овој град – Ерол Готак, Сашо Соколов и Коце Крстев, кои загинаа во конфликтот во 2001 година. Родителите на паднатите полицајци и нивните семејства со солзи во очите ја следеа церемонијата и полагањето на цвеќе пред спомен плочата каде се испишани имињата на нивните најблиски. Меѓу нив и сегашниот командир на полициската станица во Радовиш, Борче Крстев, чиј татко Коце Крстев, го даде животот како припадник на полициските сили.
– Да се заблагодарам на Општина Радовиш, на Советот и на сите што учествуваа во изградбата на овој споменик, како син на загинат бранител, исто и од име на семејствата на Готак и на Соколов, рече Крстев.
На откривањето на споменикот министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кажа дека благодарание на нивната жртва, имаме обврска да водиме грижа и да не заборавиме.
-Овој споменик посветен на незаборавот кон овие синови на Македонија, не е никаква отплата кон нив. Она што им го должиме, им се враќа само со дела,со хумани дела, со професионални дела, со благородни дела, со се’ она добро,чисто и честито, заради што тие воопшто ги положија своите животи, рече министерот Оливер Спасовски. Споменикот е поставен пред полициската станица.
Градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов, во своето обраќање потенцира дека градот Радовиш секогаш ќе им оддава почит на хероите за нивната храброст, на тројцата млади луѓе кои животот го дадоа служејќи ѝ на својата татковина.
-Загинатите бранители Ерол Готак, Сашко Соколов и Коце Крстев, на сите нас ни дадоа шанса да бидеме подобри. Подобри како луѓе, подобри како лица избрани од народот за доброто на нашата локална заедница и нашата држава, кажа градоначалникот Конзулов.
На откривањето на плочата беа присутни и претставници на здружението на бранители, кои кажаа дека државата засега води сметка за смејствата на бранителите и во најголем дел ги има исполнето преземените обврски.