Современо повеќенаменско спортско игралиште во петокот беше отворено во центарот на Македонска Каменица, во дворот на гимназијата „Миле Јаневски – Џингар“. Игралиштето, кое е донација од рудникот „Саса“, е со површина од 800 квадратни метри. Има стандарден терен за кошарка со кошеви според ФИБА-стандардите, за мини-фудбал и за тенис со нога. Целата површина е со спуртон-подлога, а околу теренот е поставена урбана опрема.
Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, истакна дека „Саса“ ја препознала потребата на спортистите и на младите каменичани и го реконструирала старото игралиште.
Олег Телној, генерален директор на рудникот „Саса“, рече дека со задоволство го реализирале овој проект предложен од локалната самоуправа и додаде оти се надева дека на реконструираното игралиште ќе уживаат сите млади во Македонска Каменица и оти тоа ќе придонесе за развој на спортот и на вистинските вредности.
Осумилјадната општина Македонска Каменица во моментот има пет екипи што се натпревруваат во квалитетните македонски лиги. Во најсилните први лиги се женските тимови во фудбал и во кошарка, а во вторите македонски лиги се машките екипи на клубовите во фудбал, футсал и во кошарка.