Центарот на заедницата на општина Струмица во рамките на својот годишен план за 2017 година ќе ја спроведе активноста „Отворени денови со советниците од одделните комисии на Советот на општина Струмица“ и тоа со Комисијата за еднакви можности. Настанот ќе се одржи на 13 февруари 2017 година (понеделник) во канцеларијата на Центарот на заедницата на општина Струмица (Дом на АРМ) со почеток во 18.00 часот.
На настанот ќе бидат поканети сите членови на Советот на општина Струмица, вработените во општинската администрација, претставници на граѓанскиот сектор, претседателите на месните и урбаните заедници на општина Струмица, а истиот ќе биде отворен и за сите заинтересирани граѓани на општина Струмица.
Говорници ќе бидат членовите на Комисијата за еднакви можности и тоа: Веселинка Ристовска, претседател на Комисијата и членовите Катица Марангозова, Петар Божинов, Љубинка Вета и Ацо Ѓоргиев.
Комисијата за еднакви можности врши промовирање и штитење на еднаквоста меѓу половите во уживањето на човековите права во сите општествени нивоа во процесот на нормирање и институционализирање на општествените процеси и односи. Целта на настанот е да се доближи работата на Комисијата до граѓаните, да се запознаат со работата на Комисијата, но и да се овозможи граѓаните да се вклучат со свои предлози, како и во носењето одлуки на локалната самоуправа. Секако дека реализацијата на оваа активност ќе придонесе и за зголемување на транспарентноста, учеството на граѓаните во работата на Општината и кон промоција на работата на Советот.
Граѓаните би имале можност да даваат предлози и идеи до советниците, а со тоа и советниците одблизу ќе се запознаат со проблемите со кои граѓаните се соочуваат, a се однесуваат на промовирање и штитење на еднаквоста меѓу половите во уживањето на човековите права во сите општествени нивоа.