Во 2016 година од даноци и такси, општина Струмица остварила вкупен приход од 84.127.021,00 денари што е за 2,92 проценти помалку во однос на 2015 година. Од даноци (данок на имот, данок на промет на недвижност и данок на наследство и подарок) се остварени вкупно 74.165.490,00 денари, а останатите 9.961.531,00 денари од наплатата на такси (фирмарина и други комунални такси).
Според раководителот на Одделението за администрирање приходи, Душко Василев кај данокот на имот од физички и правни лица реализирана е вкупна наплата од 19.892.175,00 денари или 87,17 проценти. Кај данокот на промет на недвижности остварена е наплата од 52.271.655,00 денари или 100 проценти, а стопроцентна наплата има и кај данокот на наследство и подарок со наплатени 2.001.660,00 денари.
Во делот на комуналната такса (фирмарина) остварена е наплата од 8.638.175,00 денари или 46,18 проценти, а 1.323.356,00 денари се наплатени од други видови на такси (користење на простор пред деловен простор, користење на музика во јавни локали, користење на плоштади).
Овој процент на наплата на даноците и таксите значат продолжување на успешниот развој на општина Струмица и преку проекти повторно се враќаат кај граѓаните, подобрувајќи ги условите за живот во локалната заедница.