Општина Струмица преку општинските основни училишта ќе учествува во реализацијата на проектот „Креираме заедно“. Овој проект има за цел да се промовира инклузијата на децата со посебни потреби и да се намалат стереотипите за можностите на тие деца кои произлегуваат од најблиската средина во која секојдневно живеат и учат.
Акцентот на проектот е ставен на себеизразување преку неколку аудио-визуелни методи, односно преку фотографски и видео работилници учениците да може да проговорат за своето секојдневие и да го одбележат тоа на соодветен начин.
Обуките ќе ги изведуваат обучени експерти за права на децата и професионалци во својата област: Ване Костуранов, ликовен уметник, работилница за изработка на постер, Јане Алтипармаков, режисер, работилница за кратки видео клипови и Наташа Гелева, фотограф, работилница за фотографија. Овој проект општина Струмица го реализира во рамките на соработката со невладината организација Сината птица, која работи како здружение за помош и поддршка на деца и млади со различности.
Проектот ќе трае три месеци, а промоцијата на изработените дела ќе се одржи во рамките на Детската програма на Скопскиот филмски фестивал и посебно во Струмица кон крајот на месец април.