Општина Штип по вторпат во текот на оваа година отвори можност за финансиска поддршка на младите спортски таленти преку доделување спортски стипендии. Со јавниот повик се опфатени ученици кои активно настапуваат како во индивидуалните, така и во екипните спортови.
Советникот за спорт во Општина Штип, Атанас Крстовски, информираше дека при рангирањето ќе се земаат предвид спортските достигнувања остварени во текот на целата 2025 година.
„Општина Штип годинава по втор пат распишува јавен повик за доделување на стипендии од областа на спортот, како дирекна поддрша на младите и талентирани спортисти на Општина Штип. Стипендиите ќе бидат наменети за ученици спортисти, кои активно се натпреваруваат во индивидуалните спортови и ученици спортисти кои се натпреваруваат во екипните спротови. Поточно постигнати резултати од 01.01 до 31.12.2025 година.“, вели Крстовски.
Покрај спортските резултати, значајна улога во изборот на стипендистите ќе има и успехот што кандидатите го постигнуваат во образовниот процес. Според правилникот, речиси една третина од бодовите ќе се доделуваат врз основа на училишните постигнувања.
„Правилникот предвидува, покрај постигнатите спортски резултати 30 проценти од бодовите кои што се добиваат за доделување стипендии да бидат врз основа на постигнат успех во образованието. Со тоа покрај спортските поттикнување, го потикнуваме и образованието. Имено, спортистот да биде и успешен во образованието. Стипендиите ќе бидат поделени во пет категории и ќе бидат исплатени за 12 месеци.“, додава Крстовски.
Од локалната самоуправа соопштија дека јавниот повик е објавен на 15 јуни. Заинтересираните кандидати ќе можат да ги поднесуваат своите апликации во рок од десет работни дена, односно најдоцна до 26 јуни.




