Во Штип денеска и утре ќе се изведуваат контролирани минирања на локалитетот Јусменов рид, како дел од изградбата на браната на реката Отиња. Активностите ќе се одвиваат меѓу 11 и 18 часот со употреба на специјализиран стопански експлозив и рударска опрема, строго според безбедносните протоколи.
Општината најави дека просторот ќе биде обезбеден со жива сила, а секое минирање ќе се сигнализира со звучна најава. Граѓаните се повикуваат да не се приближуваат до зоната и да ги почитуваат насоките.
Браната на Отиња е стратешки проект што треба да се заврши до 2026 година. Со висина од околу 33 метри и акумулација од три милиони кубни метри вода, таа ќе овозможи заштита од поплави, стабилен биолошки минимум во реката и ќе создаде вештачко езеро кое ќе придонесе за подобра микроклима во градот.
Проектот, вреден околу осум милиони евра, предвидува и рекреативни содржини – риболов, спортови на вода и нови зелени површини за жителите.




