Учениците кои не се запишаа во првиот рок денеска ја имаат последната шанса да се пријават во средно образование. Пријавувањето ќе се спроведува електронски во текот на целиот ден, а конечните листи на примени кандидати ќе бидат објавени во петок до 10 часот.

Директорката на СОУ „Коле Нехтенин“, Јованка Шалева, потсети дека за пријавување се потребни извод од матична книга на родени и свидетелствата од завршено основно образование.

Иако постапката е целосно дигитална, училиштето обезбеди тимови од наставници кои ќе им помогнат на учениците што немаат можност да аплицираат од дома. „Како и секоја година, сме отворени да им излеземе во пресрет на сите кои се соочуваат со технички или други пречки. Нашите наставници се подготвени да им помогнат електронски да се пријават во училиштето“, нагласи Шалева.

Организаторите очекуваат без проблеми да заврши и овој уписен ден, со што ќе бидат заокружени сите постапки за запишување на учениците во прва година средно образование.