Со измените во општинскиот буџет, Општина Штип од септември започнува со реализација на шест значајни инфраструктурни проекти, со што се очекува значајно подобрување на урбаната слика на градот и зголемување на животниот стандард на граѓаните.

Најобемниот зафат ќе биде реконструкцијата на булеварот кој води кон влезот на Штип од правецот на населбата Три Чешми, што ќе придонесе за подобра сообраќајна проточност и зголемена безбедност.

Во исто време, ќе стартуваат активности за конзервација и обнова на тврдината Исар, културно-историски симбол на градот. Проектот предвидува изградба на три нови куполи, со цел да се зачува и афирмира овој споменик како туристичка атракција.

Паралелно со тоа, ќе се воспостави СКАДА систем во сите населени места на територијата на општината, со што ќе се овозможи современо следење на водоснабдителниот систем и навремено детектирање на загуби на вода.

„Модернизацијата на влезот во градот, реставрацијата на Исар и воведувањето на СКАДА системот се само дел од нашите заложби за подигнување на квалитетот на живот во Штип,“ изјави градоначалникот Иван Јорданов.

Во план е и уредување на нов парк кај локацијата Кежовица, кој ќе зафаќа површина од околу 18.000 квадратни метри, а ќе продолжи и изградбата на пешачко-велосипедската патека. Меѓу проектите е и поврзувањето на улиците Тодор Коларов и Мирче Ацев, со што ќе се растовари сообраќајниот метеж во овој дел од градот.

„Со создавање на нови зелени површини, особено во делови кои досега беа запоставени, како и со изградба на нови патни решенија, Штип добива сосема нов урбан изглед. Шестиот планиран проект е изградбата на кружен тек на булеварот Партизанска, кај објектот на ЕВН,“ додаде Јорданов.

Ребалансот на основниот буџет изнесува зголемување од 80.386.000 денари, додека средствата од дотации се зголемени за дополнителни 9.650.000 денари.