Младиот талент од Штип, Марио Ванчоски, се враќа од Дубаи со сребрен медал од 57. Меѓународна хемиска олимпијада, потврдувајќи го својот извонреден научен потенцијал на глобално ниво.
Во конкуренција од 354 млади хемичари од 90 различни земји, Марио се истакна особено во практичниот – експериментален – дел од натпреварот, каде што го оствари третиот највисок резултат. Со ова достигнување, тој се вброи меѓу најперспективните млади научници во светот и го привлече вниманието на меѓународната академска заедница.
Гимназијата „Славчо Стојменски“ од Штип, каде што Марио учи, со гордост ја сподели веста, нагласувајќи дека неговиот успех е доказ дека макотрпната работа и посветеноста носат резултати дури и на највисоките нивоа.
Освојувањето на сребрениот медал не е само личен успех за Марио, туку и признание за квалитетот на македонското образование и младите таленти што растат во него. Со ова достигнување, тој испраќа силна порака до своите врсници – дека со труд и љубов кон науката, можат да се остварат соништа и да се гради иднина исполнета со успеси.




