Општина Штип беше домаќин на иницијативата „Каде што срцето е дома“, во чии рамки министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оствари средба со градоначалникот Иван Јорданов и претставници на Советот на Општина Штип. На средбата се разговараше за тековните проекти, визијата и стратегијата на општината за понатамошен развој во насока на подобрување на квалитетот на живот на локалното население.

По средбата, министерот Перински, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, извршија увид на градежни активности на проектот за изградба на обиколница, капитален проект вреден 141 милион денари, кој Општината го финансира со средства од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти. Направија увид и на изградба на булеварот „Партизанска“, кој се финансира со општински средства, а го посетија и Универзитетот „Гоце Делчев“ каде свечено беше отворена лабораторија „Markerspace”, современа лабораторија за иновации, истражување и развој достапна за студентите, академската заедница, стартапите и претставниците на стопанството.

Владините претставници, посетата на источниот регион ја искористија и за посета на Карбинци, каде извршија увид на градежни активности на проектот за реконструкција на сервисна улица во село Таринци, проект од првиот владин јавен повик.

Градоначалниците на Штип и Карбинци, Јорданов и Паунов, изразија благодарност за посетата на владините претставници и безрезервната поддршка која централната власт ја дава за развој на локалната самоуправа и за реализација на суштински проекти за развој на нивните општини.

  • Реализацијата на проектите ќе значат и ќе овозможат на краток и среден рок, огромен развој на градот Штип, можност за идна урбанизација, за нови населби. Кумулативно, во овие три години, заклучно со вториот владин повик, вкупните инвестиции ќе достигнат нешто повеќе од 10 милиони евра за Штип, за развој за доброто на граѓаните. Ова се историски највисоките инвестииции за нашиот град, истакна Јорданов, кој информираше дека Општината на вториот повик аплицирала со шест проекти.

И Карбинци, посочи градоначалникот Паунов, добива финансиска поддршка.

  • Благодарни сме на Владата која инвестира и во помалите општини од рурален карактер, а мерките вродуваат со плод, граѓаните се сведоци на реализирани проекти за нивно добро, изјави Паунов.

Министерот Перински порача дека поддршката на локалните самоуправи ќе продолжи.

  • Со овие проекти не само што се подобрува инфраструктурата, туку тие се надеж дека во Македонија повторно ќе може соодветно и модерно да се живее. Во таа насока и ќе продолжиме, за да придонесеме и стимулираме развој и поголем квалитет на живот на сите граѓани, вели Перински.