Образованието, вработувањето и домувањето се најголеми предизвици кај Ромите, велат нивните претставници на денешното одбележување на Меѓународниот ден на Ромите во општина Штип.

  • На прво место е образованието. Без образование не можеме да бидеме на позиции каде што ние ќе носиме одлуки. Со образованието се отвараат и другите работни места. Ние работиме од раните години на децата, со претшколска возраст, со родителите работиме, пак ќе се надоврзам на тоа – образованието е прво, после ќе има и вработувања полесно и социјалниот статус ќе се подобри на ромската заедница, вели Беами Шакиров, референт за односи со заедницата.

41 ромско семејство во Штип има проблем со домувањето, па општината ќе им обезбеди типски куќи, кои треба да бидат готови наскоро.

  • Станбениот проблем мислам дека до крајот на април ќе бидат готови типските куќи, каде што ќе се доселат 41 семејство кои се сместени во старото нервно одделение. Со тоа ќе решиме голем проблем во општината, додава Шакиров.

Општината на најдобрите ромски ученици и студенти им додели вредносни ваучери.

  • Сакајќи да го стимулираме нивниот допринос, вложувајќи во себе, вложуваат во знаење, во нешто што ќе создаде вредност во општеството, а верувам дека тие ќе бидат и пример за останатите нивни сокласници, колеги, коишто ќе се надоградуваат и ќе допринесуваат заедно во нашето заедничко општество, вели штипскиот градоначалник Иван Јорданов.
  • Лично, за мене, овој ваучер претставува поттикнување за да продолжам понатаму со повисока енергија, со повеќе амбиции, да вложам повеќе труд за да постигнам повисоко ниво, вели една од добитничките, Нихан Шакирова.

Во Македонија живеат 53.879 Роми или 2,66% од вкупното население. Општина Шуто Оризари е единствената општина во светот каде мнозинството се Роми, а воедно и единствена општина во светот каде ромскиот (балканскоромскиот) е службен јазик, покрај македонскиот. Во општина Штип живеат 2.195 Роми.