Акција „Пролетно чистење и уредување“ во населените места Балканска, Македонка и Чардаклија
Акцијата „Пролетно чистење и уредување“ продолжува и оваа недела, а на самиот почеток од неделата се опфатени населените места Балканска, Македонка и село Чардаклија. Во овие населени места се косат тревниците, се менуваат уличните светилки, се обележува хоризонтална патна сигнализација, се чистат диви депонии. Во Чардаклија се средува земјиштето за помошно игралиште. Ова е продолжување на активностите поврзани со уредување и чистење на градот, преку коишто ќе бидат опфатени буквално сите делови од Штип.
Водоснабдување на населените места Балканска, Македонка и с. Чардаклија
Вчера, градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски изврши увид во изведбата на водоводни елементи за водоводна линија за населбите Балканска, Македонка и с. Чардаклија. Во првата фаза ќе се изгради транзитна делница Препумпна станица – Балканска во должина од 1300 метри, која ќе чини повеќе од 16 милиони денари, од кои 8.500.000 денари се обезбедени од буџетот на Општина Штип за 2018 г., а останатите од ЈП „Исар“.
„Ќе обезбедиме за 600 граѓани од оваа населба и здрава вода за пиење од градскиот водовод. Со ова покажуваме дека целосно се грижиме за животот и здравјето на граѓаните, за секој да има достоинствен живот во 21 век и затоа почнуваме со решавање на овие клучни проблеми за нормален живот на граѓаните на Општина Штип,“ изјави градоначалникот Бочварски.
Со овој чекор проблемот со водоснабдување конечно се решава трајно, а жителите повеќе нема да бидат изложени на ризик од заразни болести. Како дополнителен придонес за граѓаните е и доизградбата на канализациона линија во должина од 350 метри, со што ќе се реши проблемот на повеќе домаќинства овде.
Средба со амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија
Вчера градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, оствари средба со амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, Милан Јазбец. На средбата градоначалникот Бочварски и амбасадорот Јазбец разговараа за продлабочување на веќепостоечката соработка помеѓу двете пријателски земји, со акцент на соработка којашто ја вклучува Општина Штип.
Дневни активности на јавните претпријатија во Општина Штип
Денеска екипите на РЕ Водовод и канализација при ЈП „Исар“ ќе извршуваат санирање дефект на водоводна линија на ул. „Гоце Делчев“, изведба на шахти во населба Балканска, реконструкција на водоводна линија на ул. „19та Бригада“, изведба на нова канализациона линија во населба Суитлак, а со зголемен интензитет ќе продолжат на изведба на водоводна линиијиа за населбата Балканска. РЕ Паркови и зеленило ќе извршуваат косење зелени површини во село Чардакчија, покрај ул. „Славчо Стојменски“ и ул. „Вардарска“, покрај ул. „Брегалничка“, како и на градскиот стадион.
Покрај активностите во населба Балканска, екипите на ЈП „Стипион 2011“ ќе ја продолжат работата и на реконструкција на платото кај Пензионерски дом, реконструкција на крстосницата кај Мал Одмор, обележување хоризонтална патна сигнализација во населба Баби и крпење, односно асфалтирање ударни дупки во централното подрачје.
Обука на тема „Инклузија на ученици со оштетен вид“
Денеска во просториите на Општина Штип, во голема сала, ќе се одржи обука на специјални едукатори на тема „Инклузија на ученици со оштетен вид“. На обуката ќе присуствуваат претставници од Општина Штип, како и раководителот на Проектот на УСАИД и ЛЦИФ за деца со пречки во видот, Шпетим Љатифи. На обуката во 10:15 ч. ќе се обрати Горан Петрушев, претседател на Сојуз на дефектолози на РМ, кој ќе зборува за процесот на инклузија во Република Македонија, како и професорот Буниамин Мемеди, кој ќе зборува за улогата на ресурсните центри во инклузивниот процес.
Професорката Ангелка Кескинова ќе зборува карактеристики на учениците со оштетен вид, процена на функционален вид и насоки за водење слепа личност, а психологот Соња Фортуманова ќе зборува за стратегии за работа со ученици со оштетен вид и индивидуален образовен план. ВО 16:00 ч ќе биде остварена посета на Ресурсниот центар во Штип.