По примерот на големите европски метрополи, Штип за прв пат до сега во пресрет на Божиќните и Новогодишни празници ќе организира  „Кристмас маркет”, најавија денес градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и водителот, Миро Кацаров.

Манифестацијата „Кристмас маркет“ започнува на 20 декември на шеталиштето „Ванчо Прќе“,  каде ќе биде поставена голема бина, а ќе има и програма со познати музичики имиња. Дедо мраз на најмалите ќе дели пакетчиња, ќе се слушаат познатите новогодишни песни, а повозрасните ќе имаат можност да уживаат со греана ракија и греано вино. Саботата целодневно е резервирана  со шоу перформансот за деца, дополнително со аниматори, жонглери и слично. Во недела на шеталиштето ќе помине и петметарски џин робот.

  • За првпат во историјата на градот ќе имаме музички хепанинг, ќе имаме „Кристмас маркет“ и сме први во град во внатрешноста од државата. Ова е по примерот на големите европски градови како Будимпешта, Прага, Амстердам и слично. Со ова сакаме луѓето да ги зближиме, вели Кацаров.

Градоначалникот на Општина Штип, Јорданов истакна дека освен „Кристмас маркет“, предновогодишните празници во Штип ќе се дочекаат во пријатна и незаборавна атмосфера, која ќе започне уште од 7 декември. Градот ќе биде целосно украсен, на шеталиштето ќе има ѕвездено небо, а програмата ќе заврши со македонска староградска музика.

  • Има едни кои велат зошто да се трошат пари за нешто кое е минливо, од друга страна голем процент, вклучувајќи се и јас самиот посакувам мојот град да изгледа европски, модерно и да има соодветен амбиент, изјави Јорданов.

Тој ги повика граѓаните од Штип, од регионот, но и од државата да одвојат дел од своето време и да уживаат во предновогодишна атмосфера. Повеќе од еден милион денари се одвоени од Буџетот на Општина Штип за организација на „Кристмас маркет“.