Здружението на слепи лица на град Штип, со традиционална средба со градоначалникот и директорите од јавните претпријатија во градот, го одбележаа Меѓународниот ден на белиот стап, 15ти октомври.
Како што истакна пред присутните, претседателот на здружението, Драги Витанов, како резултат на долгогодишната и плодна соработка со локалната самоуправа, членовите на здружението бесплатно го користат јавниот градски превоз, има и субвенции на сметките на водата, а дел од членовите на Здружението , кои го знаат Брајовото писмо сметките за потрошената вода за пиење од ЈП „Исар“ ги добиваат на ова писмо.
На Светскиот ден на белиот стап, Витанов додаде дека остануваат да се решат и барањата за подобра инфраструктура, бидејќи на тротоарите и улиците има препреки кои им создаваат проблеми при движењето, како што се сообраќајните знаци и тротоарите пред пешачките премини.
- Одлична ни е комуникацијата со градоначалникот и директорите на Јавните претпријатија, со цел да ги решиме проблемите или барикадите со кои се соочуваме секојдневно. Во делот на инфраструктурата има присутни бариери, барикади. Поголем дел од нив полека, полека се решаваат и надминуваат тие проблеми, вели Витанов.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека задача на општината е да им го олесни животот на слепите лица и на лицата кои имаат проблеми со видот. Решавањето на дел од брањата на Здружението на слепи лица е и резултат на честите средби и разговoри кои ги имаат во текот на годината, а не само на Светскиот ден на белиот стап.
- Доста често вашиот претседател ни алармира за одредени состојби, кои се под наша надлежност мора да напоменам дека дел од проблемите не можеме да ги решиме, но затоа сме во комуникација со министерството за економија и труд. Морам да истакнам дека и долж коритото на река Отиња е поставена ограда, кое беше долгогодишно барање на Здружението, со цел поголема безбедност на сите пешаци, но и на лицата кои имаат одреден инвалидитет, рече Јорданов пред присутните членови на Здружението.
Тој посочи дека како локална власт стојат на располагање, да се решат сите проблеми и пречки кои ги имаат членовите на Здружението на слепи лица.