Со сечење на џиновската пастрамајлија и официјално денеска се отвори манифестацијата штипска „Пастрмалијада“, а воедно денеска се пушти во употреба и прво шеталиште во Штип, на улицата „Ванчо Прќе“. По тој повод денеска во посета на Штип беше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов ги покани граѓаните да уживаат во добрата музика овие два дена и да го вкусат штипскиот специјалитет.
- Имаме еден нов изглед на една улица која досега беше сообраќајница, а денес веќе е пуштена во употреба како шеталиште. Општината издвои 11 милиони денари за поплочување на оваа улица, претходно се работеше на прилагодување на сообраќајните решенија. Штип го менува изгледот инфраструктурно, сообраќајно, визуелно благодарение и на централната власт, изјави Јорданов.
На отворањето на „Пастрмалијадата“, премиерот Мицкоски рече дека е задоволен и од програмата, но и од проектите во градот и посочи дека продолжуваат со поддршката за сите општини.
- Сите оние кои имаат дилема како да го поминат викендот ги поканувам овде во Штип да уживаат во штипскиот специјалитет, штипската пастрмајлија. И се надевам дека ќе остане ова традиција и понатаму. Меѓудругото денеска сме овде и на отворањето на шеталиштето, изјави Мицкоски.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Мицкоски најави дека во Штип ќе се реализира и капиталниот проект обиколница, а која ќе чини околу два милиони евра.
Овогодинешната „Пастрмалијада“ е со нов концепт, нова локација и со цел да се врати традицијата и суштина на манифестацијата со настани за сите генерации.