Една од главните улици во централното градско подрачје, улицата “Ванчо Прќе” од денес па во текот на наредните неколку недели ќе биде затворена за сообраќај и истата според зборовите на градоначалникот Иван Јорданов ќе се пренамени во пробно шеталиште. Предвидено е улицата да се користи како пешачка зона, а најави дека доколку по пробниот период остане затворена, во тој случај ќе биде уредена со соодветна урбана опрема и поплочена.
Истовремено ќе се работи на подземната канализациона и водоводна мрежа. Паралелно од денес штипјани имаат можност да паркираат и на новата катна гаража, непосредно во близина на стоковната куќа НАМА.
- Во функција се става и втората катна гаража кај стоковната куќа „НАМА“ која овозможува нови 26 паркинг места, со што имаме можност за влегување до одредена точка на улицата „Ванчо Прќе“ за користење на паркинг површина, вели Јорданов.
Тој нагласи дека со цел да можат да се користат двете катни гаражи, за време на пробниот период се воведува и двонасочен сообраќај на почетокот и крајот на едносмерната улица.
Сања Мијалкова-Судиќлиева од Одделението за сообраќај во Општина Штип денеска изјави дека сообраќајот низ централното градско подрачје во Штип во овој период ќе се одвива низ улиците „Маршал Тито“ и „Кирил и Методиј“.
Воедно градоначалникот Јорданов повика на трпение кај населението во наредниот период, но и на промена на навиките кај граѓаните со цел градот да функционира непречено, сообраќајот да се одвива регуларно, а Штип да го добие првото шеталиште во центарот на градот.