Јавното претпријатие ЈП „Стипион“ денеска потпиша меморандум за соработка со Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, ЛАГ Плачковица и Општина Штип, ТДВИЛ-ЗД Градител 89 ДОО, Лонгуров ДОО за спроведување на проектната иницијатива „Еко конект: Искористување на соларни и еко автобуски постојки за рурален напредок и поврзаност“ поддржана од проектот „Програма за развој на заедницата“, финансиран од Агенцијата на САД за меѓународен развој – УСАИД, а имплементиран од страна на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија.
ЈП “Стипион“ преку овој проект, како што информираат, обезбедува средства за поставување на три нови модерни,еко-смарт автобуски постојки.
Автобуските постојки ќе бидат поставени на локации во центарот на Штип пред трговски центар и во населбите Ново Село и Караорман и со нив на граѓаните ќе им се овозможи модерна инфраструктура преку која ќе можат да ги искористат удобностите, сигурноста и технологијата кои ги нуди и обезбедува Општинскиот линиски превоз.
На автобуските постојки ќе има обезбедено соларни панели со што ќе се напојуваат осветлувањето, но и граѓаните ќе можат да ги полнат своите паметни телефони. На истите ќе има лед информативни панели на кои ќе бидат објавувани информации за возниот ред во реално време, услуги на јавното претпријатие, како и информативни економски програми преку што се обезбедува самооддржливост на постојките преку генерирање на приходи од таа активност.
Овие автобуски постојки се први од овој вид во земјава, со што ЈП „Стипион“ и Општина Штип прават уште еден чекор во трансформирање на јавниот транспорт и интегрирање на одржливи извори на енергија, напредна технологија за споделување информации и можности за подобра поврзаност и удобност, како и поттикнување еколошки практики.
- ЈП“Стипион“ уште еднаш покажа дека предводи во обезбедување на различни извори на финансирање, но и поттикнување на бизнис заедницата и граѓанскиот сектор за потребата од препознавање и поддршка на ваков тип на иницијативи за обезбедување на подобри услуги на граѓаните, наведуваат од јавното претпријатие.