Заврши реконструкцијата на кровот на клонот “Развигорче” од детската градинка “Вера Циривири-Трена”. Инвестиција на Општина Штип и Словенската амбасада, која чинеше околу 200 илјади евра или 12 милиони денари.
Како што нагласи градоначалникот Иван Јорданов, со промената на кровната конструкција беа поставени и фотоволтаични панели кои дополнително ќе придонесат за заштеда на електрична енергија, а воедно се работеше и на уредување на внатрешниот дел од градинката.
- Веќе во внатрешноста на самата зграда се подобрени и реконструирани просториите, подобрени се условите за непрекинато одвивање на воспитно згрижувачкиот процес, а се надевам дека ова ќе значи и подобрување на целокупните услови во кои децата во оваа градинка ги поминуваат своите часови, истакна Јорданов.
Директорката Ивана Ангеличкова потенцираше дека со промената на кровот и поставувањето на фотоволтаичните панели од една страна ќе се намали потрошувачката на електрична енергија, а од друга ќе се спречи понатамошното уништување на внатрешноста на објектот, кој претходно беше руиниран токму поради протекувањето на стариот азбестен кров. Таа најави и уредување на дворот на градинката во текот на наредниот период.
- Напоредно со промената на кровот работевме неуморно за промена и подобрување на условите, фарбање и поставување на нови елементи во занималните. Се надевам дека со подобрувањето на временските услови во наредниот период согласно нашиот капацитет и ресурсите ќе се потрудиме да го средиме и дворот и сите останати занимални кои имаат оштетувања, рече Ангеличкова.
Клонот “Развигорче” во моментов има згрижено 200 деца од вкупно 680 згрижени во детската градинка “Вера Циривири-Трена”.