По завршување на партерното уредување пред влезовите на познатите “црвени кули” на улицата “Христијан Карпош”, продолжува уредувањето на останатите влезови на станбените згради во непосредна близина на СВР Штип, информираше денес градоначалникот Иван Јорданов.
Како што истакна, во моментов се работи и на уредување на паркинг простор на истата улица кој ќе биде бесплатен не само за жителите на овие станбени згради туку и за сите оние кои гравитираат во овој дел од градот односно во централното градско подрачје.
- Затоа што се работи за централно градско подрачје, во непосредна близина на СВР Штип, потребата од паркинг простор и за жителите на овие станбени згради, но и за вработените во институциите околу оваа улица е зголемена, истакна Јорданов.
Во текот на утрешниот ден како што најави Јорданов, се продолжува со уредување на тротоарите и влезовите пред т.н “зелена кула”, со поставување на павер елементи и уредување на улицата, со што според него ќе се овозможи модернизирање на овој дел од градот.
Нешто помалку од еден милион денари ќе бидат инвестирани од Буџетот на општината за уредување на овој дел од градот , а како што нагласи градоначалникот Јорданов, паралелно со овие активности се работи и во населбата 8 Ноември, додека многу наскоро се очекува да се доуредат и влезовите кои останаа незавршени во населбата Сењак.