Општина Штип распиша оглас за продажба на една градежна парцела кај местото викано Стари Бунари или во непосредна близина на Туртел. Како што истакна раководителот на секторот за урбанизам, Лазар Хаџи Николов, истиот е објавен од страна на Комисијата за отуѓување на градежно земјиште и зафаќа површина од 8700 метри квадратни.
- Оваа градежна парцела е со намена големи единици за трговија и истата е со вкупна површина од 8.700 метри квадратни. Заинтересираните субјекти ќе може да поднесат пријави заклучно со 26.02.2024 година, а лицитацијата ќе се одржи на 28.02.2024 година, рече Хаџи Николов.
Тој нагласи дека заинтересираните треба да приложат банкарска гаранција во висина од 20 милиони денари, а почетната цена за наддавање на парцелата е 2.300 денари.
- Помеѓу останатите документи кои треба да бидат приложени кон пријавата, заинтересираниот објект треба да приложи банкарска гаранција во висина од 20 милиони денари. Почетната цена за наддавање за оваа градежна парцела е 2.300 денари со чекор на наддавање од 230 денари, додаде Хаџи Николов.
Програмата за отуѓување на градежно земјиште за подрачје на Општина Штип за 2024 година предвидува и други локации кои ќе бидат понудени на продажба кога ќе се создадат соодветни услови, во текот на годината, информираат од општината.