Пријателството со Амбасадата на Народна Република Кина во државата резултираше со отворањето на сензорна соба и инклузивно игралиште во градинките „Виножито“ и „Детска радост“ во Струмица, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика.
Сензорната соба е трета по ред сензорна соба во новата градинка „Виножито“, а по двете во основните училишта „Сандо Масев“ и „Видое Подгорец“.
При подготовката на сензорната соба одбрана е опрема што е приспособена на различните сензорни потреби на корисниците, како што се ѕидови со вода со меурчиња, тешки ќебиња и пени за терапија.
-Овие простори не се само соби. Тие се безбеден простор каде секое дете може да напредува, без оглед на нивните уникатни предизвици. Нашите заеднички напори со кинеската амбасада во Република Северна Македонија доведоа до реализација на сензорни соби во Струмица, Гевгелија и Велес нагласувајќи ја глобалната важност да се работи заедно за да се создадат инклузивни средини. Дополнително, со поддршката на амбасадата обезбедивме инклузивни игралишта во Кривогаштани, Крушево и Струмица и се ова со вкупна инвестиција од 50.000 евра. Ова е доказ на нашата убеденост дека секое дете треба и заслужува да има пристап до рекреативни простори кои го поттикнуваат нивниот развој, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Градоначалникот Костадин Костадинов на свечноста на промовирањето на ноците објекти, рече дека ова е уште еден доказ во вложувањето во проекти, кои ги манифестираат потребите на сите категории на граѓани.
-Како Општина постојано вложуваме и труд и сериозни средства во подобрувањето на инклузијата во училиштата и предучилишните установи, но и во сеопфатна инклузија преку најразлични социјални услуги што ги даваме, а кои не прават најинклузивна и Општина со најмногу развиени социјални услуги во државата. Покрај Шелтер центар за жени и деца жртви на семејно насилство, палетата на социјални услуги ја надополнуваме и со проектот Куќа на пола пат кој е напредна фаза на реализација, рече Костадинов.
Кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо ја истакна дека преку вакви проекти се градат уште повеќе мостови за меѓусебното разбирање и пријателство меѓу двата народи.
-Промовирањето на заедничиот развој и подобрувањето на егзистенцијата и благосостојбата на народите се првичната намера и основната цел на нашата соработка, рече кинескиот амбасадор.
Градоначалникот Костадинов упати благодарност до Амбасадата на Народна Република Кина и за придобивките коишто ги имаат преку соработката со Институтот Конфучиј, а која им овозможи на струмичките деца да учат кинески јазик.