Во текот на изминатите неколку дена активно се работи на реализација на последната фаза од проектот за изградба на фекална канализација и поврзување на населба “Железничка” и индустрискиот дел од градот со главниот колектор.
Како што нагласи градоначалникот Иван Јорданов, повеќе од 30 години жителите од овој дел на градот, бараат реализација на овој проект, но бидејќи се работи за голема инвестиција под земја, Локалната самоуправа во минатото не била заинтересирана за реализација на проектот.
- Повеќе од 150 домаќинства над 30 години чекале да бидат поврзани со фекална канализација и цели индустриски зони биле исто така неповрзани со фекална канализација. Очекувам наредните неколку недели да се извршуваат активностите за поврзување со главниот колектор и изведба и поставување на главните линии и на тој начин да се реализира проектот кој што го ветивме пред избори и веќе влегуваме во негова финална фаза, рече градоначалникот Јорданов.
Тој нагласи дека станува збор за покомплексен проект во вкупна вредност од половина милион евра што според Јорданов е и главната причина за негово нереализирање од страна на претходните власти во текот на изминатите децении.
Со целосното завршување на проектот, откако во изминатиот период се постави фекална канализација и на жителите од Горна Железничка, со приклучување на последните десетина куќи и од долниот дел на населбата конечно во целост ќе се реши деценискиот проблем на жителите од овој дел на градот.