Деновиве беше поставен асфалт на три улици во централното градско подрачје на Штип откако претходно беше променета водоводната и канализациска мрежа на истите. Градоначалникот на општината, Иван Јорданов кажа дека средствата се обезбедени од буџетот на Општина Штип односно од граѓаните.
- „Добре Радосављев“, „19. бригада“, „Карл Маркс“ се улиците коишто се асфалтираат на барање на жителите. Повеќе од два милиони денари се обезбедени од Буџетот на Општина Штип за асфалтирање на овие краци од улици. Претходно се работеше на промена на одредена подземна инфраструктура којашто со годините наназад била нотирана како потреба за промена, вели Јорданов.
Како што нагласи, 2023 година е рекордна година со реализирани проекти, но Јорданов вели дека тоа ќе биде мотив плус за идната година да го надминат и тој број.
- И оваа година да ја завршиме со рекорден број на реализирани проекти и рекорден број на асфалтирани улици, но ќе биде дополнителен мотив за нас во 2024 година да испланираме и испроектираме уште повеќе улици коишто ќе бидат рехабилитирани и на тој начин да добиеме посоодветна инфраструктура на цела територија, рече Јорданов.
Во наредните денови се очекува да се финализираат со асфалтирање уште неколку улици во неколку населби од градот, потврди Јорданов.