Со шаренило од активности, но со со заеднички именител- за свет без различности и секој еден е важен- започна реализацијата на годинешната кампања „Денови на хуманост-дарувај со љубов“ која 6 години ја организираат локалните институции со покровителство на Општина Делчево, а по повод Светскиот ден на лицата со посебни потреби.
Обединети со заедничка цел будење на филантропијата и општествената одговорност и подигање на свеста за лицата со хендикеп и нивното место во општеството, активно се вклучија образовните институции и детската градинка, НУЦК „Н.Ј.Вапцаров“, ЈЛБ „Илинден“, Дневниот центар за лица со посебни потреби од Делчево, НВО „Бравура кооператива“ и Клубот ИНТЕГРА.
Ликовното студио и ателје „Љубомир Белогаски“ при НУЦК „Н.Ј.Вапцаров“ со поддршка на Министерството за клултура и оваа година ја организираа традициналната ликовна работилница која ги обедини членовите на ликовното студио, ученици од основните и средното училиште од Делчево и децата со попреченост, каде се учеа тајните на сликарството и се твореше на тема „Зимска идила“. Како што истакна стручниот соработник Александар Белогаски, интересот за оваа активноста е голема и претставува радост и предизвик кај децата кои ги учат техниките на сликарството и даваат свој придонес во креирање на едно ликовно дело. Дваесетте заеднички создадените ликовни творби ќе бидат подарени на Дневниот центар за лица со посебни потреби од Делчево.
Под мотото „Секој е посебен на свој начин“, ЈЛБ„Илинден“ заедно со првооделенците од ООУ„Ванчо Прке“-Делчево, во градскиот парк ги пуштија кон небото шарените балони на кои имаше испишано пораки:
– ДА БИДЕМЕ ДРУГАРИ, ИСТИ СМЕ!
– НЕ ПАРКИРАЈ НА ПАРКИНГ НАМЕНЕТ ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ!
– ЛИЦАТА СО ХЕНДИКЕП НЕ СЕ БОЛНИ И НЕ МОЖАТ ДА ТЕ ЗАРАЗАТ.
– ЗАЕДНО МОЖЕМЕ ДА ИЗГРАДИМЕ ПОДОБРО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ!
-УБАВИНАТА Е ВО РАЗЛИЧНОСТА.
Во двете основни училишта беа организирани низа настани: натпревари за литературни творби, ликовни изложби, спортски и музички игри училишен базар и сл.
В понеделник, во Дневниот центар за лица со посебни потреби ќе се одржи кампањата „Се движиме безбедно“ на која овие ученици ќе ги учат правилата за учество во сообраќајот, како да бидат побезбедни и да ги препознаваат сообраќајните значи.