Општината Струмица и градоначалникот Костадин Костадинов беа домаќини на премиерот Димитар Ковачевски и министри од Владата. Посетата започна во градинката „Виножито“ која беше отворена пред една година и е најголемата новоизградена предучилишна установа во државата.
-Со премиерот Димитар Ковачевски и министри од Владата, денеска од новата градинка „Виножито“ пуштивме силна порака за важноста на соработката помеѓу локалната и централната власт. Токму оваа градинка е плод на таквата соработка, поддржана од Светска банка. Како Општина на која децата и се приоритет, а во соработка со ресорните министерства, постојано инвестираме во подобрувањето на капацитетите на градинките и училиштата, соопшти Костадинов.
Тој потсети дека во инфраструктурното уредување околу новата градинка досега е инвестирано 20 милиони денари, тоа е улицата „Атанас Јанев“ со тротоарското уредување, улицата број 1 е веќе пробиена со општински средства од 9 милиони денари, а што претставува ново грло во населбата Касарна.
-Градинката „Виножито”, која ја изградивме овде во Струмица е најголемата установа за ран детски развој во нашата држава. И е најголемата изградена градинка во Струмица, во мандатот на оваа Влада и на министерката Јована Тренчевска, која што е изградена со вкупна вредност на инвестицијата од околу 2 милиона евра. Преку Владата и Министерството за труд и социјална политика инвестирано е во доградби на градинката „Детска радост“, при што, во еден од клоновите веќе е зголемен капацитетот за 57 деца, а во друг е зголемен опфатот за уште 68 деца. Направена е и адаптација на уште еден објект од оваа градинка, во село Куклиш, со средства од Општина Струмица, со што уште 58 деца добија можност за посетување предучилишно воспитание и образование. И, во село Муртино, со средства од Општина Струмица, е направена група, во други просторни услови, за згрижување 27 деца, за кои имаше ваква потреба., изјави премиерот Ковачевски.
Костадинов и владината делегација предводена од премиерот Ковачевски имаа средба и во градоначалничкиот кабинет. На средбата се разговараше за реализираните и проектите коишто се во тек на реализација, за развојот на Општината и предизвиците со коишто се соочува, а го посетија и новоотворениот Младински центар во општинската зграда.