Како што им беше ветено на членовите на Здружението на слепи лица на град Штип, од страна на директорот на ЈП Исар, Кирил Зајков денес им беа доставени првите сметки од ова претпријатие, напишани на Брајово писмо.
За идејата да прерасне во реализација огромен придонес имаше и претседателот на Здружението, Драги Витанов кој самоиницијативно се ангажираше и ги напиша сметките за членовите кои го користат Брајовото писмо.
Љуба Крстева е првото слепо лице кое доби сметка за вода од ЈП „Исар“-Штип на Брајово писмо. Таа вели дека ова за неа значи големо олеснување, бидејќи за едно обично читење сметка и колку потрошила вода треба да ги ангажира членовите на семејството, кои не живеат со неа.
Претседателот на Здружението на слепи лица на град Штип, Драги Витанов истакна дека ова е пробен период во кој до крајот на оваа година се очекуваат реакциите од слепите лица.
- Ова е пробен период до Нова година, бидејќи треба да го видиме и интересот од страна на слепите лица. Доколку има интерес, ќе продолжиме со оваа работа. Така што не ми претставува проблем да го работам и тоа во иднина. Имам еден мал проблем, машината со којашто работам е од многу одамна. Но, за тоа ќе најдеме решение. Печатач на Брајово писмо има во Основното училиште „Ванчо Прќе“, кој треба да го видиме и како работи тој печатач, рече Витанов.
Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Кирил Зајков, посочи дека денеска заедно со Витанов ќе ги посетат сите слепи лица на кои им се изготвени сметките за вода. Изрази благодарност до Витанов кој се ангажирал за реализација на оваа идеја за да им се излезе во пресрет на членовите на Здружението на слепи лица во Штип.