Реализиран е уште еден капитален проект во општина Струмица, а тоа е регулацијата на поројот Св. Илија до влив во река Водочница во Струмица.
Овој проект е дел од ТАВ програмата, која вклучува 94 инфраструктурни проекти во сите плански региони или во 75 општини низ целата земја, во вредност од 49,7 милиони евра.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов истакна дека овој проект е одличен пример за соработка помеѓу локалната и централната власт и општествено одговорните инвеститори, а во интерес на решавање на проблемите со коишто се соочуваат граѓаните.
-Зборот е збор! Завршивме еден од поголемите капитални проекти со големо значење за инфраструктурата во општина Струмица, напиша градоначалникот Костадин Костадинов.
Реализацијата на проектот е преку ТАВ програмата со учество на општината. Од ТАВ програмата се добиени средства во износ од 1,4 милиони евра (86.700.000 денари), со кои се уредија 2.300 метри од вкупната должина на поројот којашто изнесува 2.800 метри.
Уредувањето обезбеди стабилизација на коритото и бреговите на поројот, подобрување на заштитата од големи води и подобрување на еколошките и естетските аспекти на околниот терен.
Со овој проект ќе се спречат потенцијални поплави при поројни дождови, бидејќи неговата улога е дренажа на атмосферските води.