На 28 септември со почеток во 19.30 ќе се одржи годинешново, најново издание на фестивалот на песни за деца “ Весело штурче “. Според зборовите на уметничкиот директор на фестивалот Филип Стевановски веќе се одбрани вкупно 21 песна кои ќе бидат дел од годинешниот фестивал, а како и минатата година така и годинава доколку постои интерес ќе се направи и претпремиера.
- Имаме веќе 21 авторска песна од различни автори, при што ќе настапат 24 деца солисти, со оглед на тоа што имаме и три дуетски песни. Имаме хор од 14 деца и бенд од 4 дечиња. Децата учесници како и авторите на песните се избрани по пат на конкурс. Доколку постои заинтересираност ќе направиме и една претпремиера како што беше минатата година, која би била од 17 часот, нагласи Стевановски.
И оваа година љубовни песни, песни за првиот училишен ден, песни за роденден се само дел од палетата детски песни кои ќе се отпеат на сцената во големата сала на Домот на културата во Штип, вели Стефановски истакнувајќи дека годинава за прв пат ‘’ Весело Штурче ‘’ добива хуманитарен карактер, по иницијатива и проект од фондацијата за развој на локалната заедница.
‘’ Направи разлика ‘’ е проектот преку кој фондацијата за развој на локалната заедница од оваа година влегува во долгорочна соработка со брендот ‘’Весело Штурче “ со цел да се даде една поинаква димензија на фестивалот.
- Идејата е со тоа што секој од нас ќе купи карта за фестивалот или било каков брендиран производ, ќе донира приватни средства и понатаму со тие средства да направиме нешто што е важно не само за децата туку и за целата заедница, вели Борис Шарковски претставник на Фондацијата.
Како што потенцираше тој, дел од собраните средства ќе бидат искористени за да се набават инструменти за бендот на фестивалот, додека останатиот дел ќе бидат искористени во вид на стипендија за ултра талентираните деца од основните и средните училишта во градот кои немаат финансиска можност, сепак да добијат шанса да настапат и тие на големата сцена.
Соработката помеѓу фондацијата за развој на локалната заедница и детскиот фестивал ‘’ Весело Штурче ‘’ е планирано да биде долгорочна и во рамки на истата планирани се и други активности, како организирање настапи и каравани и во другите градови од Истокот на земјава, потенцираше Шарковски.
Билетите за фестивалот, по цена од 250 денари од денес и официјално се пуштени во продажба и тоа на билетарата на Народниот театар Штип како и во Сити поинт.