Градоначалникот Горан Трајковски на денешната прес-конференција изрази благодарност за пожртвуваноста на екипите кои неуморно работеа во заштита на имотот на граѓаните и на санација на последиците за нормализирање на животот во градот, но изрази и згрозеност од деструктивната политика на локалната опозиција и нивната злоупотреба на маката на граѓаните за ситни поени и нивното однесување го оцени со НУЛА.
-Апокалиптичното невреме кое го зафати целиот регион беше уште еден тест на човечноста, но и подготвеноста на екипите кои посветено и одговорно уште првата вечер од поплавите, се справуваа со последиците од обилните врнежи од дожд. Но, акцијата за санација на последиците од невремето продолжува и денеска и ќе трае сè до враќањето на градот во нормалниот тек на живеење. Во оваа прилика сакам да изразам благодарност до сите кои помагаа во борбата со поплавите. Посебна благодарност до ТППЕ Делчево и ЈКП „Брегалница“ за нивната пожртвуваност во справување со природната непогода, но и до територијалните противпожарни единици од општините кои први пристигнаа за да помогнат на граѓаните. Воедно, изразувам благодарност и до граѓаните кои беа голема поддршка на екипите на терен, соработуваа и помагаа во спасувањето на имотите. На маката се познаваат јунаците, сите вие сте повторно нашите херои-истакна Трајковски.
Тој информираше дека на донаторската сметка којашто ја отвори Општина Делчево заклучно со денеска се пристигнати 197.500 денари, средства уплатени од правни и физички лица и изрази благодарност. Овие средства, како и средствата кои се најавени од други правни и физички лица и општини, ќе бидат оперативни по проширувањето на општинскиот буџет и ќе се користат исклучиво за санирање на последиците од невремето.
Комисијата за проценка на штетите од поплавите секојдневно е на терен и врши увид на пријавените штети. Оваа Комисија ќе работи согласно новата методологија. По завршениот увид и консултацијата со соодветни експерти ќе биде изработен елаборат кој ќе се достави до Републичката Комисија, по што се очекува обештетување на штетите на имотот на граѓаните и правните лица од државата.
Според Трајковски оваа природна непогода, освен хуманоста, солидарноста и човечноста, на видела извади и многу манипулации, но и злоупотреби на маката на граѓаните и тоа пред сè, од страна на локалната опозиција.
Трајковски по теркот наметнат на прес-конференциите на опозицијата порача дека се одговара и за ширење лаги и клевети.
-Вашата злоупотреба на маката на граѓаните не ви носи политички поени, туку ви го покажува грдото лице и пустата желба за власт, но и вашата неспособност. Секојдневно лиферувате небулози и креирате инсинуации, ја омаловажите пожртвуваност на пожарникарите, комуналните работници, манипулирате со граѓаните и нивната мака, при што покажувате основни непознавања за функционирањето на локалната власт. Мислите дека сто пати повторената лага, ќе стане вистина? Лагата е со кратки нозе, а сликата која сакате да ја создадете е уште еден облак кој ќе го однесе ветрот, но останува чувството кај секој поединец- дека вие и во криза сте деструктивци. Единствениот интерес е желбата за власт, рече Трајковски.
Градоначалникот потсети дека паралено, во Делчево се одговара на потребите на граѓаните се решаваат децениски проблеми, а се изградија и се’ уште се градат капитални проекти кои ќе останат да сведочат за генерации и генерации наши сограѓани за нашата посветена работа и нашата цел да го направиме Делчево поубаво место за живеење.
-Одговорно и морално тврдам дека секој проект кој е изработен во овие пет и пол години е согласно сите законски регулативи во нашата држава. И сето тоа што е изградено функционира беспрекорно, проектите кои ги имам реализирано ќе ги користат десетици и десетици генерации по нас. А со природни непогоди, елементарни непогоди, и самите гледате и во државата и во регионот на Балканот и пошироко едноставно не е можно да се справи било кој. Јас никогаш не се предавам и нема да потклекнам на никакви деструктивни сили, да го уништат мојот ентузијазам за да реализираме уште многу проекти за Делчево, истакна Трајковски.
Градоначалникот Трајковски најави дека многу брзо ќе соопшти за нови капитални проекти кои ќе се реализираат во Делчево