Новата учебна година учениците во Подрачното училиште „Св.Климент Охридски” во с. Тработивиште ќе ја започнат во реновирани училници и санитарни јазли. Деновиве започнаа градежните работи за реконструкција на училниците, санитарните јазли, како и решавање на проблемот со отпадните води и приклучок на објектот на фекалната канализација.
Увид во почетните работи денеска изврши градоначалникот Трајковски кој истакна дека во прашање е прва посериозна реконструкција на стариот училишен објект од неговото отворање.
– Инвестициите во образованието се инвестиции во иднината. Затоа, наша обврска е да создаваме современи услови за работа во сите училишта во Делчево, а со тоа и во подрачните училишта.
Во таа смисла, со задоволство можам да објавам дека започнаа градежните работи за реконструкција на училишната зграда во с. Тработивиште. Посебно сакам да ја нагласам оваа инвестиција. Станува збор за објект стар седумдесет години и ова е прва посериозна реконструкција од отворањето на училиштето, каде континуирано учат ученици и од македонска и од ромска националност. Оваа инвестиција е уште еден доказ за нашата посветена работа и нашите заложби да донесеме подабар квлаитет на животот на сите граѓани од нашата општина, истакна Трајковски.
Вредноста на проектот е 1 милион денари, а проектот се реализира во рамките на Програмата РОМАКТЕД фаза II за „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво. Изведувач на работите е тетовската фирма ПАНЕЛ-М, а работите треба да завршат за два месеци.