Со потпишување договор за меѓуопштинска соработка меѓу општините Струмица и Василево денеска во Струмица беше отворен Регионалниот центар за одржлив развој на овие две локални самоуправи.
Регионална канцеларија со Обучен центар за поддршка на земјоделството, туризмот и одржливиот економски развој во струмичкиот микрорегион, е дел проектот за меѓуопштинска соработка на УНДП, а во соработка со Бирото за регионален развој, Општина Струмица и Општина Василево.
Преку заедничката канцеларија ќе се зајакнат капацитетите на единиците на локалната самоуправа преку поддршка на иновативни модели на соработка утврдена во Законот за локална самоуправа како и постоечките законски облици, кои отвораат можности за спроведување на политиката за регионален развој и подобрена испорака на услуги кон граѓаните.
Според градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, особено е важна соработката со соседните општини, како што е со Општина Василево.
-Посебен фокус на Центарот за Струмица и струмичко е секако земјоделството, но не ги исклучуваме и другите економски гранки кои се значајни за двете општини. Во тие рамки сакам да ја потенцирам важноста на соработката на локалната и централната власт, како што е со Бирото за регионален развој и со меѓународните институции како што е УНДП, со чија поддршка имаме реализирано голем број проекти, рече Костадинов.
Илмиасан Даути од УНДП додаде дека овој проект е кофинансиран од Бирото за рамномерен регионален развој, УНДП и општините Струмица и Василево во износ од над четири милиони денари.
-Проектот опфаќа целосно опремување на овој простор кој го обезбеди Општина Струмица. Обезбедена е интерактивна веб платформа, која сите заинтересирани земјоделци, но и младите претприемачи можат да ја користат. Во рамките на овој проект имаме предвидено и поддршка на жените земјоделки и претприемачки, а Центарот има посебен фокус токму во нивната поддршка, рече Даути.
Центарот се отвора во рамки на реализацијата на проектот „Пост-Ковид:општините како двигатели на одржливиот развој“.