Во Делчево е зголемен интересот за поставување фотоволтаични централи за производство на електрична енергија од сонце. До крајот на минатата и на почетокот од оваа година до Општина Делчево се поднесени 22 иницијативи од правни и физички лица за поставување фотоволтаици на земја, а две иницијативи за фотоволтаици на кров. Општина Делчево досега има издадено 25 одобренија за изградба на фотонапонски централи од кои 10 фотонапонски централи за поставување на земја со вкупна инсталирана моќност од 10.588 КВ, а 15 за фотонапонски панели на кров со вкупна инсталирана моќност од 1.417 КВ.
Енергетската ефикасност е значајна инвестиција во време на енергетската криза и заштита на животната средина. Досега се поставени фотонапонски централи на 4 јавни објекти: административната зграда на Општина Делчево, ООУ „Ванчо Прке“, ООУ „Св.Климент Охридски“ и зградата на СОУ „М.М.Брицо“, како и изградба на енергетско-ефикасни фасади на две училишта, ООУ „Ванчо Прке“ и СОУ „М.М.Брицо“.
Преку европски проект, но и со сопствени средства на Општината, се инвестира во енергетски ефикасно јавно осветлување, при што се заменети околу 1000 живини светилки со лед-економични светилки, а 90 лед-светилки се обезбедени преку Проектот за подобрување на општинските услуги финансиран преку Меѓународната банка за обнова и развој (Светска банка), во висина од 1,4 милиони денари
Енергетската ефикасност и зелената агенда се високо на агендата и главните политики кои носат развој на Делчево. За таа цел во тек е изработка на Стратегија за енергетска ефикасност за период 2023-2025 со поддршка на ХАБИТАТ-Македонија која треба да придонесе за планско управување со потрошувачката на енергија и запирање на непродуктивното трошење енергија, односно интелигентно користење на расположливите ресурси на енергија.
Целта на изготвување на овој стратешки документ за енергетска ефикасност е двојна. Прво, да се соберат информации за потрошувачката на енергија и податоци за состојбата на објектите кои ги управува Општината и, второ, да се дадат препораки за спроведување проекти за енергетска ефикасност врз база на идентификувани можности за заштеда на енергија и зголемување на енергетската ефикасност во Општината со воведување мерки за подобрување на енергетската ефикасност и намалување на емисиите на CO2, како и зголемување на јавната свест во врска со енергетската ефикасност.