Над 200 милиони денари од буџетот, пари на штипјани, годинава ќе им се вратат нив во форма на капитални инвестиции. Ова го најави штипскиот градоначалник Иван Јорданов кој вели дека и покрај економската и енергетска криза, но и долговите кои беа наследени, ќе продолжи да се работи на проекти во градот.
Јораднов најави асфалтирање на повеќе улици, а и завршување на веќе започнатите кои беа прекинати поради временските услови.
– Предвидуваме асфалтирање на низа на улици – „Борко Талев“, „Светиниколска“, „Скопска“ и „Битолска“. Ќе се поплочат сите улици во автентичен стил во Ново Село. Ќе се асфалтираат улиците „Коле Неделков“ и „Цвета Јовнова“, „Петар Поп Арсов“ во населба Железничка. Улиците „Борис Кидрич“, „11 октомври“, дел од улицата „Пиринска“ до спојот со улицата „Иво Лола Рибар“. Улиците „Добре Радосавлев“, „Сане Георгиев“ и улици во градските гробишта. Ќе се асфалтираат и „Четврти јули“, дел од улицата „Личка“, „Цветан Димов“, дел од улицата „Љубен Иванов“. Ќе се асфалтираа улицата „Руен“ во населба Баби, „Васил Доганџиски“, „Јаким Стојков“ и „Димо Хаџи Димов.“ Неколку пристапни улици ќе бидат асфалтирани и во пригратската населба Плуждино. Ќе се асфалтираат „Кристијан Карпош“, „Света недела“, а ќе се реконструира и преминот преку река Брегалница кај Македонка. Ќе се асфалтираат улиците „29 ноември“, „Тодор Чучков“ и „Никола Чаулев“, но и улици во Железничка, Караорман, Балканска, Чардаклија, Дузлачки рид и Каваклија, најави Јорданов.
Покрај асфалтирањето во програмата се предвидени и капитални проекти. Како пример Јорданов ги спомена конзолите на река Отиња, низводно од лева и десна страна, со што ќе се добие проширување на главните сообраќајници во централното градско подрачје. Предвидено е да се изгради и нов мост на реката Отиња, веднаш до постоечкиот кај гимназијата „Славчо Стојменски“.
Нов кружен тек, пак, ќе се направи на раскрсницата под паркот Крстиќ.
– Проблемот со паркирањето почнуваме да го решаваме со изградба на катни гаражи на две и повеќе нивоа, веднаш позади Домот на културата, веднаш до стоковната куќа „Нама“ и до зграда Промаја. Оваа година ќе го уредиме и градскиот плоштад, а ќе го започнеме и долго најавуваниот проект за изградба на булеварот Партизанска, за поврзување на населбата Осми ноември со населбата Баби, рече Јорданов.
Штипјани годинава треба да добијат јавен превоз и кино, а ќе се реконстурира и бањата Кежовица. Жителите на населба Железничка, пак, годинава конечно треба ја добијат долгоочекуваната нова канализациона мрежа.
– Продолжуваме и годинава со изградба на повеќе од 10 мултифункционални игралишта. Штипјани ќе добијат и целосно покриен градски пазар, со што ќе се подобрат условите на сите пазарџии, купувачи и продавачи на пазарот, рече Јорданов.