Следното издание на познатиот Струмичка карневал ќе биде збогатен со учество на карневалџии од бугарскиот град Крџали. Ова е само една од идеите за зближување на двата града – Струмица и Крџали, кои се во процес на збратимување. Идејата настана при посетата на бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, кој заедно со градоначалникот на Крџали, Хасан Азис престојуваа во Струмица.
-Тоа ќе биде прекрасна порака до двата народи дека треба да размислуваме за иднината, за развојот и прогресот на нашите општини, рече градоначалникот Костадинов. Европратеникот Илхан Ќучук рече дека соработката ќе отвори дополнителни можности за комуникација и перспективи меѓу двете општини. За мене е посебно задоволство што денеска во Струмица гледаме двајца многу активни и прогресивни градоначалници на општините Струмица и Крџали, две мултиетнички општества и како што кажа градоначалникот Костадинов, различностите треба да водат кон единство, тоа е суштината на Европската Унија и јас како европратеник и известувач работам кон тоа, бугарското и македонското знаме да стојат заедно до европското знаме. Верувам во иднината, во просперитетот, тоа се добри примери кои ќе отворат дополнителни можности за комуникација меѓу двете општини, рече на средбата европратеникот Ќучук.
За градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, ова е убава иницијатива, која може да донесе само добро на двете општини.
– Особено радува фактот што тоа може да го крунисаме и во Брисел, под покровителство на европратеникот Ќучук и навистина ќе биде прекрасна порака до двата народи дека треба да размислуваме за иднината, за развојот и прогресот на нашите општини и на крајот да заклучиме дека и двете општини го имаат постигнато нивото на развој кое е потребно. И Струмица и Крџали ги споделуваат европските вредности што е особено важно за едно вакво специфично време, рече Костадинов.
Градоначалникот на Крџали, Хасан Азис, веќе имаше и конкретни идеи за зближување на двата града.
-Првата идеа е да дојдеме ние од Крџали и да се учествуваме на Струмичкиот карневал, а од Струмица очекуваме да дојдат фолклорни друштва на нашиот фестивал кој се одржува во нашиот град. Има инвеститори од Крџали кои бараат место за инвестирање и следната средба да биде меѓу бизнисмените од двата града, изјави Азис.
На средбата во Струмица европратеникот и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук ја предводеше повеќечлената делегација од соседна Бугарија во која беа и градоначалникот и претседателот Советот на општина Крџали и нивните заменици, како и советници од општините Благоевград и Хаџидимово.