Досегашниот директор на штипското ЈП „Исар“, Трајче Здравков, во наредните денови ќе стане шеф на кабинетот на градоначалникот, поради како што вели градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, потребите на општината.
Во наредните денови нов в.д директор ќе биде Трајан Коцев кој на јавноста и е познат како поранешен директор на детската градинка „Вера Циривири-Трена“.
– Сакам да му се заблагодарам на досегашниот директор Здравков за вложениот труд и за постигнатите резултати во изминатата година. Убеден сум дека со него како шеф на кабинетот ќе постигнеме уште подобри резултати во организација на работите кои се поврзани со кабинетот, но се надевам и дека новиот директор на ЈП „Исар“ ќе даде дополнителна вредност и ќе сервисираат основните обврски кои претпријатието ги има кон граѓаните, рече Јорданов.
На прашање дали ќе има и други промени, откако минатата недела беше сменет и в.д директорот на ЈП „Стипион“, градоначалникот не даде конкретен одговор, туку рече дека благовремено јавноста ќе биде известена доколку се одлучи да има „поместувања на кадрите“.
– Нашата цел е сите потенцијални кадри да ги поставиме на позиции каде што сметаме дека ќе дадат најголем придонес во работата на општината, рече Јорданов потенцирајќи оти промени е нормално да се случуваат со цел подобра услуга за граѓаните.