Со литија на штипскиот плоштад слобода започна чествувањето на Св. Никола – патронот на градот. Митрополитот Брегалнички г.Иларион, кој ја предводеше поворката од плоштадот „Слобода“ до градската црква Св.Никола, на верниците им посака здравје, трпение, љубов, но се помоли и за единство и сплотување на народот.
Штипскиот градоначалник Јорданов за време на литијата им го честита празникот на штипјани и им посака благосостојба и сила за заеднички да ги надминеме, како што рече, овие тешки времиња на сиромаштија.
– Во време на пости, кога сме во исчекување на Христовото раѓање, нека житието на овој најпочитуван светец ни биде поука да си помагаме, да си подадеме рака, да помагаме на сиромашните како што тој го правел тоа. Само така ќе успееме да го изградиме ова заедничко општество, да го обновиме и изградиме градот кој толку многу го сакаме, порача Јорданов.
Вчеравечер инаку во градската црква Св.Никола беа доделени признанијата и орденот Св.Никола. Признанија и орден добија заслужни граѓани и компании кои имаат дадено допринес за развојот и афирмација на градот.
Градоначалникот Јорданов синоќа им се заблагодари на сите, а добитниците на признанијата се заблагодарија за укажаната чест.
– Ова е несфатливо чувство бидејќи признанието доаѓа од мојот роден град Штип. Јас сум штипјанец и никогаш не сум се откажал од тоа, рече добитникот на орденот „Св.Никола“, поетот Михаил Ренџов.
Признанија добија „Штип Сити мол“ за унапредување на локалниот економски развој, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ за унапредување на лицата со попреченост и Проф. Д-р Свежана Мирасчиева за унапредување на образованието и науката.