Штипското ЈП Исар и основните и средните училишта кои се под локалната самоуправа ги доставиле договорите до ЕСМ Продажба за поевтина струја, откако Владата донесе мерка за субвенционирање на струјата. Со оваа одлука водостопанските претпријатија и училиштата ќе добиваат струја по цена од 95 евра за мегаватчас.
Директорот на ЈП „Исар“ Трајче Здравков не очекува драстично намалување на сметката за струја, но вели дека барем нема да се сголемува, со што ќе можат да ги исплаќаат и заостанатите, наталожени долгови на претпријатието.
Штипскиот градоначалник Јорданов вели дека субвенционирањето на струјата ќе им даде можност да имаат предвид во трошоците и да прават план за исплаќање на долговите.
– Во изминатата година бевме оставени на слободен пазар, цената на струјата беше зависна од светските берзи и достигнуваше до одредени износи кои ги надминуваа и основните приходи на овие институции, вели Јорданов.