Штипската музичка легенда Божидар Симоновски вчера доби мурал на ѕидот на институцијата на која беше долгогодишен директор – Домот на млади во Штип.
Вчера на Денот на ослободувањето на градот Симоновски го доби осмоноемвриското признание за за особен придонес во развојот на музичката култура, а подоцна попладнето, со рок звуци и со голем број на македонски музичари го прослави и откривањето на својот мурал кој го изработи уметницата Елена Поповска.
Иницијатор за реализација на настанот е сегашниот директор на Дом на млади Видан Лазарев кој вели дека на нас останува да ги препознаеме и негуваме делата на нашите сограѓани кои беспоштедно се вложиле, постигнувајќи повисока цел, занемарувајќи ја личната, индивидуална димензија.
-Да се надмине успехот на овој човек е невозможно, да се биде негова замена е пеколно тешко. Сепак се согласив да ја раководам институцијата, не оти ќе го насминеме Бошко, туку оти тоа му го должиме на градот. Наша обврска е да го зачуваме Домот на младите. Нашиот сегашен и иден успех се должи токму на тоа, затоа што стоиме на рамениците на џин како Божидар Симоновски, рече Лазарев.