Со денешното официјалното отворање на градинката „Виножито”, ставен е на располагање нов, модерен капацитет за згрижување на над 300 деца од предучилишна возраст во Струмица.
Во најголемата градинка не само во Струмица туку воопшто на територијата на државата се очекува да работат 17 воспитни групи, со што се зголемува стапката на вклученост на децата во предучилишното воспитување. Новата струмичка градинка во вредност од 108.610.000 денари. Најголем дел е инвестиција на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), додека Општина Струмица учествуваше со 17. 500 000 денари.
Објектот, според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска е доказ дека Владата и МТСП продолжуваат да вложуваат во раниот детски развој, место каде децата ќе можат безгрижно да растат и да учат преку игра.
–Со оваа модерна, енергетски ефикасна градинка, го решаваме прашањето за згрижување на децата во Општина Струмица. Оваа градинка е најголема не само во Општината, туку и на територија на целата држава, со капацитет за згрижување 307 деца, рече министерката Тренчевска.
Градинката „Виножито“ е првата нова градинка, која по 40 години се гради во Струмица. На списокот на чекање се наоѓаа над стотина деца и повеќе. Изминатите години и децении, постоечките капацитети се доградуваа и реновираа, но конечно годинава се предава во употреба нов, модерен објект, кој ги решава просторните потреби на претшколските деца.
– Градот добива модерен објект за децата, со најнови стандарди за згрижување, како што наликуваат градинките од најразвиените европски и светски земји. Градинката ќе биде уште поубава наскоро со детскиот џагор во неа, изјави градоначалникот Костадин Костадинов.
Струмичката градинка „Виножито“ е една од десетте градинки, кои ќе бидат отворени до завршувањето на годината .Премиерот Димитар Ковачевски на денешното отворање најави нови 15 капацитети за ран детски развој, во кој, како што рече, Владата продолжува да вложува.
– Овде не завршува овој проект, туку Владата е подготвена да ѝ помогне на секоја општина и општините што сакаат да аплицираат за изградба на нова градинка може да го направат тоа преку Министерството за труд и социјална политика. Како Влада придонесуваме за убаво, безгрижно и среќно растење на децата и посветено работиме на долгорочно инвестирање во децата, кажа премиерот Ковачевски.
Овој објект е поддржан од Светската банка, која според претставничка на Канцеларија во Македонија, Бојана Нацева, е дел од Проектот за унапредување на социјални услуги. Како што рече Нацева, овој проект е прифатен во насока на воспоставување на квалитетен систем на социјални услуги на општинско ниво во координација со МТСП.
–Светската банка е посветен партнер на Северна Македонија во градењето продуктивен човечки капитал за заеднички да изградиме подобри услови за развој на децата кои, пак, ќе бидат носители на развојот на општината, но и на целата држава, рече Нацева.
Новата градинка во Струмица е на површина од 1.443 метри квадратни со приземје и кат. Општината до градинката „Виножито“ изгради и пристапна улица, за родителите да можат да пристапат и да ги донесат своите деца.