Во родната куќа на културен деец Димитар Узунски во родното Тработивиште беше промовирана „Собата на Димитар Узунски за културното наследство на Пијанец“. Во спомен собата се сместени лични документи на основачот на Фолклорна група „Копачка“, Узунски, кој е најзаслужен за впишувањето на орото „Копачка” во УНЕСКО. На едно место се собрани фотографии, неговите инструменти, носијата, машината за чукање, признанија и награди, како и неговите ракописи од собирачката фолклорна дејност.
Димитар Узунски не дочека да го види крајниот изглед на неговата спомен соба, рече Перса Стојановска претседател на здружението „Копачка“, но собата ќе остане трајно сведоштво за неговото откривање на делчевскиот фолклор пред светот.
-Покрај изведувачките работи за прилагодување на собата за таа намена, опремувањето со витрини, преградна врата и друго, во собата се уредија неговите лични документи, фотографии, најзначајни дипломи, благодарници, признанија и награди, како и неговите ракописи од собирачката фолклорна дејност, собрани во неговите тетратки, а секако овде се и неговите инструменти, носијата, машината за чукање и други предмети. Со оваа активност, на денешниот значаен ден, Фолклорната група ,,Копачка” го потврдува решителниот од по патот кој Узунски го трасираше покрај другите негови животни дострели, останувајќи најзаслужен за впишувањето на орото „Копачка” во УНЕСКО, рече Стојановска.
Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, кој ја пушти во употреба собата, рече дека на денот на роденденот на пијанечкиот Цепенков, Узунски, Делчево и неговите следбеници од Здружението „Копачка“ с. Драмче, како и неговото семејство, им подаруваат на сите почитувачи на неговиот лик и дело, на љубителите на фолклорот и традицијата, спомен-соба која ќе го чува споменот за Узунски.
-На секој посетител и добронамерник ќе му раскажува за неговата посветеност и ентузијазам, за неговата љубов кон културното и фолклорното наследство, за неговиот живот „Kопачката“. Узунски е делчевска гордост и непресушен извор за пијанечкиот фолклор и традиција. За неговото дело и наследство може да се пишува многу, но неговото наследство е немерливо и нема доволно зборови за да се опише, бидејќи неговото значење за Делчево, за делчевци, за македонскиот фолклор и традиција е уникатно. Димитар Узунски беше и ќе остане синоним на делчевcкиот фолклор и традиција, рече градоначалникот Трајковски.
Спомен собата е проект на Фолклорна група „Копачка“, од село Драмче поддржан од Министерство за култура.