Водечки технолошки компании и градоначалници од Западен Балкан заедно во Тирана, Албанија, дискутираа на теми од областа на енергетиката, екологијата, урбаниот развој, дигитализацијата, можностите за финансирање на капитални проекти и воспоставување на соработка помеѓу „паметните“ градови. Овие дискусии се одржаа во рамките на регионалната конференција на тема “Безбедни. Зелени. Решенија за паметни градови: Ризик и можности за Западен Балкан“ (Secure. Green. Smart City Solutions: Risk & Opportunities for Western Balkans). На оваа конференција, која се одржа на иницијатива на Американската администрација поддржана од “AmCham” Албанија и Американската Амбасада, учествуваше и градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов.
Проектот „Струмица – паметен вело град“, градоначалникот Костадинов го претстави на вториот ден од конференцијата, како дел од дискусијата на тема „Добри практики: Време за Урбан Развој преку Зелени Инвестиции“. Присутните имаа можност да ја проследат презентацијата на овој проект, во чии рамки беа опфатени и проектите и активностите кои оваа општина ги спроведува од областа на енергетската ефикасност.
Со реализацијата на конференцијата и размена на искуствата на авторитетите од државите и претставниците на приватниот сектор, се дискутираше за можностите и потенцијалите за развој на градовите од регионот како “паметни градови“, преку имплементација на иновативни решенија од различни области, а сѐ со цел зголемена имплементација на безбедни, зелени паметни решенија и унапредување на квалитетот на живеење.