Општина Карбинци и по два распишани тендера за набавка на огревно дрво за Подрачните училишта во Општина Карбинци не успеа да обезбеди огревно дрво за претстојната грејна сезона. Ќе се распише и трет тендер. Градоначалникот, Виктор Паунов, е оптимист дека третата набавка ќе го реши проблемот.
„Централното училиште во с. Карбинци се затоплува на нафта, меѓутоа подрачните училишта во поголемиот дел од територијата на општина Карбинци се затоплуваат со огревно дрво. Во овој момент ние распишавме повторена јавна набавка за набавка на дрво, меѓутоа и на таа не се јави никој. Веќе размислуваме и по третпат да ја распишеме. Проблемите со инфлацијата имплицираат и во делот на затоплувањето“, истакна Паунов.
Централното училиште „Страшо Пинџур“ кое се наоѓа во с. Карбинци како подрачни единици има уште девет училишта кои образуваат и воспитуваат ученици од прво до петто одделение. Како што стои во јавната набавка, Општината најголемо количество огревно дрво треба да обезбеди за училиштето во с. Радање, и тоа 21 метар кубен, а најмалку, по 3,5 метри кубни, треба да обезбеди за училиштата во селата Крупиште, Долни Балван, Оџалија и Стар Караорман.